Бојку: Подготвени сме за дербито, имаме квалитет да ја победиме Шкендија!

Фудбалерот на Струга Трим Лум, Бесмир Бојку, го најави дерби-натпреварот против Шкендија, кој ќе се одигра на отворањето на пролетната полусезона во Првата македонска лига. 

Бојку смета дека тимот е подготвен за предизвикот, а воедно ги пофали и одработените подготивки во турската Анталија. 

„Верувам дека одработевме одлични подготовки во Турција и сега сме комплетно фокусирани на важните предизвици. Одигравме неколку силни контролки во Анталија, каде ја темпиравме формата за остатокот од сезоната.

Знам дека имаме квалитет да ја победиме Шкендија, а тоа ќе го докажеме и на теренот. Сите сакаме да го дадеме својот максимум за да ги израдуваме навивачите“, изјави Бојку. 

Струга гостува кај Шкендија во првото коло од пролетната полусезона. Натпреварот ќе се одигра на десетти февруари, а почетокот е закажан за 14:00 часот.