Бојан Миовски со два гола и две асистенции во Куп-победата на МТК

Македонскиот интернационалец Бојан Миовски имаше одлично попладне во дресот на унгарски МТК, во меч во рамки на Купот на Унгарија.

МТК славеше над Епиток со убедливи 0-8 (0-4). Миовски ги постигна головите во 1. и во 60. минута, а во меѓувреме додаде двапати до соиграчите за реализација. Така, МТК ја оправда големата фаворитска улога и се пласира во наредната фаза. На овој натпревар не настапи Себастијан Херера, кој од Работнички премина во МТК.

Миовски ја остави зад себе повредата која ја здоби на стартот на неговата унгарска епизода и покажа што знае. 

Ова лето младиот македонски напаѓач од Ренова дојде во МТК, а Херера го напушти Работнички за да го облече дресот на славниот клуб од Будимпешта.