• Мартин Танасковски
Македонскиот репрезентативец Бојан Илиевски кариерата ќе ја продолжи во редовите на албанскиот гигант Тирана, откако двете страни постигнале договор за соработка. Преговорите меѓу двете страни се успешно завршени и десниот бек наскоро ќе биде претставен како ново засилување на најтрофејниот албански клуб.
Илиевски доаѓа по истекот на договорот со Струга Трим Лум, со која настапуваше во изминатите две сезони. За неговите услуги постоеше интерес од повеќе клубови од Македонија и регионот, но Тирана успеала да го убеди 26-годишниот дефанзивец да ја продолжи кариерата во албанското првенство.
Зад Илиевски стои богато искуство во Првата македонска фудбалска лига, каде што има одиграно речиси 200 натпревари. Со своите настапи се избори и за место во македонската репрезентација, а сега ќе има нов предизвик во дресот на еден од најголемите клубови во Албанија.

