• Саше Љолес

Пред вечерашниот натпревар меѓу Словенија и Македонија, интересна перспектива за состојбите во македонскиот фудбал понуди Оливер Богатинов. Поранешниот словенечки фудбалер, кој има македонско потекло, од јуни е тренер на прволигашот Тиквеш и веќе неколку месеци работи и живее во Кавадарци.
Богатинов зборуваше за своите први впечатоци од животот и работата во Македонија, но и за состојбите во домашниот шампионат, особено за организацијата на натпреварите и инфраструктурата.
Тој вели дека во Кавадарци ужива во квалитетот на животот, особено во храната, локалните производи и винската традиција на градот.
„Ако немаше сонце, грозјето тука немаше да биде толку добро. Живеам во Кавадарци, град познат по виното и одличната местоположба за одгледување грозје. Има многу сонце и малку дожд. Како да сум во македонски Горишки Брда.
Ме изненадува што тоа не се знае подобро да се искористи. Овде се наоѓа една од најстарите винарии на Балканот, која би можела да биде интересна за винари од целиот свет. Годишно се произведуваат околу 30 милиони литри вино.
Пред шест години е отворен и вински музеј, но сè уште има простор Кавадарци многу повеќе да го привлече вниманието на луѓето заинтересирани за винската култура“, вели Богатинов.
Тој има позитивно мислење и за начинот на живот во Македонија, особено за храната и односот меѓу цените и квалитетот.
„Македонците знаат да уживаат во животот. Односот меѓу квалитетот и цените е одличен. Храната е домашна и здрава. Има многу мали фарми кои произведуваат овошје и зеленчук, а месото во продавниците е локално. Во Кавадарци речиси секој има свое грозје. Квалитетот на храната е на високо ниво и тоа го забележува секој што ќе ме посети.“
Богатинов на клупата на Тиквеш официјално седна на 10 јуни, а откри дека неговото доаѓање во Кавадарци било реализирано многу брзо.
„Се случи во еден момент. Преку пријател добив покана, дојдов во Кавадарци и се сретнав со раководството на клубот. Веќе на вториот состанок конкретно разговаравме за условите и потоа се договоривме за соработка.
Многумина и денес ме прашуваат зошто направив таков чекор во кариерата. Но, доаѓа и таков период. Можеби ми е полесно затоа што го знам јазикот“, објаснува словенечкиот тренер.
Токму познавањето на македонскиот јазик му е голема предност, а Богатинов открива дека го научил уште како дете, бидејќи неговите родители дома зборувале македонски.
„Роден сум во Јесенице. Кога бев дете, моите родители зборуваа македонски, па брзо го научив јазикот. До 12-годишна возраст речиси секоја година доаѓав во Македонија.
Во училиштето, секако, доминираше словенечкиот јазик, а подоцна од средината во која живеев научив и српски, босански и хрватски. Во одредена мера зборувам и англиски, германски и италијански. Македонците ме сметаат за полиглот, но јас не би се нарекол така“, вели Богатинов.
Кога станува збор за македонскиот фудбал, тренерот на Тиквеш има и низа забелешки. Според него, најголем проблем е организацијата на првенството, особено доцното одредување на термините за натпреварите.
„Организацијата на прволигашкото натпреварување би можела да биде многу подобра. Многу заостанува, а тоа не ми се допаѓа. Во Македонија имаме ист модел на лига како во Словенија. Играат десет клубови, а секој треба да одигра 36 натпревари.
Проблемот е што најчесто дури во понеделник или вторник дознаваме кога ќе играме за време на викендот. Значи, само неколку дена пред натпреварот.
Организацијата на натпреварите е на основно ниво и тоа не му носи ништо добро на фудбалот. Луѓето кои носат одлуки треба да се погледнат во огледало и да сфатат дека македонската лига е една од ретките каде што во вторник дознаваш кога воопшто ќе играш во текот на викендот. Тоа е навистина необично.
Клубовите се согласуваат околу ова. Разговараме меѓу себе и укажуваме на проблемите, но ништо не се менува. Сите знаат да ги објаснат проблемите, но никој не наоѓа решение. Дополнително, раководството на натпреварувањето секоја критика ја доживува како личен напад, а тоа не е добро“, смета Богатинов.
Тој не крие дека ниту инфраструктурата во македонскиот фудбал не е на посакуваното ниво.
„Инфраструктурата е лоша. За тоа не треба да се залажуваме. Од друга страна, логистиката е на повисоко ниво. Македонија има автопати и поголемите градови се добро поврзани. За околу два и пол часа може да стигнете речиси насекаде, што е многу практично“, заклучува тренерот на Тиквеш.
Богатинов во Македонија пристигна со добро познавање на локалниот менталитет и јазикот, а неговите досегашни искуства му овозможуваат од поинаква перспектива да ги согледа и позитивните страни и проблемите со кои се соочува домашниот фудбал.
Пред вечерашниот натпревар меѓу Словенија и Македонија на стадионот „Стожице“ ќе бидат интонирани двете химни, нешто што за Богатинов има посебна симболика со оглед на неговото потекло и животната приказна.
Сепак, тој признава дека македонската химна не ја познава доволно добро.
„Како прво, можам да кажам дека македонската химна и не ја знам. Секако, сум ја слушнал, но не би можел да кажам нешто повеќе за неа. Едноставно, не сум толку навлезен во тоа.
Моето потекло е мултинационално. Денес сме на некој начин заробеници на државите во кои живееме, но по сто години можеби нема да постојат ниту едната ниту другата држава. Не си правам илузии околу тоа. Историјата нè учи дека границите и државите можат брзо да се менуваат“, вели тренерот на Тиквеш.
Богатинов ја започна авантурата во Тиквеш со добри резултати. Кавадарчани се наоѓаат на четвртото место на табелата, со учинок од три победи, четири ремија и само еден пораз.
