• Горан Упале

Екипата на Вест Хем Јунајтед потешко од очекуваното ги запиша првите бодови во групата во новата сезона во Лигата на Европа. „Чеканите“ кои играат одлично во Премиер лигата, вечерва по пресврт го совладаа српскиот вицешампион ТСЦ Бачка Топола (3-1).
- Вест Хем - ТСЦ Бачка Топола 3-1:
На „Лондон Стадиум“ се одиграа две сосема различни полувремиња. Во првото мрежите мируваа, а имаше само неколку посериозни шанси за погодок, додека во второто двете екипи се отворија и паднаа дури четири гола.
Резултатот го отвори српскиот тим, откако Станиќ во 48. минута ја погоди целта и донесе 0-1 за гостите, но Вест Хем експресно се врати и со головите на Петровиќ (автогол), Кудус и Соучек стигна до заслужена победа од 3-1. Македонскиот фудбалер Мартин Мирчевски натпреварот го започна од клупата за резерви и во игра влезе во самиот финиш.
Вечерва уште еден премиерлигаш се бореше за бодови во Лигата на Европа, но без успех. Брајтон, кој пред само неколку дена го посрамоти Манчестер Јунајтед своето деби во второто по квалитет натпреварување на УЕФА го започна со пораз од АЕК од 2-3. За англискиот тим двата гола ги постигна Жоао Педро од пенал, додека за тимот што го елиминира Динамо Загреб во квалификациите за Лигата на шампионите, стрелаа Сидибе, Гачиновиќ и Понче.
Во Амстердам екипите на Ајакс и Олимпик Марсеј го одиграа највозбудливиот натпревар од вечерашната програма. Натпреварот на „Јохан Крој“ заврши без победник, но со по три гола во двете мрежи (3-3).
- Ајакс - Олимпик Марсеј 3-3:
Ајакс со два брзи гола поведе на стартот до 2-0, но до полувремето Олимпик израмни. Во вториот дел „копјаниците“ одново стигнаа до водство, но Обамејанг во 78. минута донесе реми за францускиот тим.
На останатите натпревари Аталанта славеше над Раков (2-0), Фрајбург беше поуспешен на гостувањето кај Олимпијакос (1-2), додека Ренџерс извојува победа над Бетис (1-0).