Блесок на Шкупи за крај: Заврши како перфектен домаќин во ПМФЛ! (ВИДЕО)

Екипата на Шкупи ги задоволи фановите на фештата за прослава на титулата и со сигурна победа над Академија Пандев (3-0) ја заврши сезоната во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ).

Чаирчани беа доминантен противник во однос на струмичани и заслужено се радуваат на три бода. Со оваа победа, Шкупи остана перфектен домаќин и ја заврши сезоната без ниту еден пораз пред својата публика. По крајот на натпреварот тимот ја доби титулата и го најави настапот во квалификациите за Лигата на шампионите.

  • Извештај од натпреварот:

Што се однесува до натпреварот на „Чаир“, Шкупи тргна со притисок уште од стартот. Атедунџи имаше убава можност во 3. минута, но не погоди, а потоа по уште една добра акција се обиде и Дамфа, но безуспешно. Академија Пандев имаше една шанса во 9. минута што не ја искористи, а потоа Хамиди од Шкупи шутираше во голманот Јовановски. Чуварот на мрежата на Академија Пандев најдобриот момент го имаше во 37. минута кога со помош на пречката спречи Алварез да даде гол од слободен.

Но, веднаш потоа даруваше. Во пет минути Академија Пандев прими два гола, двата ги постигна Кристијан Трапановски, а еден од нив одеше на душа на голманот Јовановски кој ја испушти топката меѓу нозете. Се играше 67. минута кога младиот Абази го даде деби-голот за Шкупи, повторно по лоша комуникација на дефанзивата со голманот Јовановски.

Шкупи ќе биде меѓу неносителите во квалификациите за Лигата на шампионите. Ќе стартува од првата рунда, а веќе се познати и можните ривали.