• Саше Љолес
Екипата на Милан е првиот патник во финалето од Копа Италија откако успеа со 0-3 (0-1) да го совлада вечниот градски ривал, Интер. Првиот натпревар пред три недели заврши без победник, 1-1, па „росонерите“ славеа со вкупен резултат 4-1.
- Извештај од натпреварот:
Момците на Консеисао немаа иницијатива во првото полувреме и повеќе мислеа на дефанзивата, додека Интер не реализираше неколку изгледни прилики преку Димарко и Лаутаро Мартинез. Сепак, тимот Милан одигра една добра акција во транзиција, нафрлената топка од Хименез дојде до Лука Јовиќ, кој со одличен удар со глава ја затресе мрежата на Јззеф Мартинез во 36. минута и го постави резултатот на паузата (0-1).
Само четири минути од вториот дел му беа потребни на истиот играч да ја удвои предноста. Јовиќ од отпадок донесе огромна радост за навивачите на Милан на стартот од вториот дел. Симоне Инзаги реагираше со четири замени во ист момент, но и тоа не вроди со плод во офанзивна смисла.
Интер секако притисна и сакаше да го поправи впечатокот, но миланезите успеаја да ги затворат сите приоди кон голот, а до крајот уште повеќе го здробија ривалот и славеа со 0-3. Конечниот резултат го постави Тиџани Рејндерс во 86. минута.
Милан патува во финалето од Копа Италија, а Интер сега ќе се фокусира на борбата во првенството и во Лигата на шампионите. Вториот патник веројатно ќе биде Болоња, која треба рутински да го одработи реваншот со Емполи.