ВИДЕО: Блесок на Јаго Фалке, Торино ја втурна Аталанта во криза

Најголемото изненадување во Серија А оваа сезона, Аталанта на Џанпјеро Гасперини влегува во негативна серија. По поразот од Милан пред своите гледачи минатата сабота, екипата од Бергамо попладнево загуби на „Олимпискиот стадион“ во Торино со 2-0 (1-0).

Во вториот натпревар од 25. коло на Серија А, екипата на Валтер Мацари се покажа како поцврста и постигнуваше голови во вистинските моменти. На стартот Гомез се закани по домашниот гол, а по затишјето во централниот дел на полувремето, во самиот финиш на првиот дел „биковите“ поведоа. 

Се играше 42. минута кога Армандо Ицо од отпадок, по ударот на Шпанецот Јаго Фалке, ја погоди мрежата на Бериша и Торино поведе со 1-0. Уште подобро почна вториот дел за Торино, откако по акцијата на Меите, некогашниот младинец на Барса, Јаго Фалке по вторпат ја погоди гостинската мрежа за 2-0.

Со влегувањето на Дејан Кулушевски (младински шведски репрезентативец со македонско потекло), како и против Милан, Гасперини се обиде да ја раздвижи екипата, но Аталанта не креираше зрели шанси и само со удари од дистанца се обидуваше да го загрози Сиригу.

Со овие три бода, Торино стигна до 38 и се израмни со Аталанта во борната за европските позицииво Серија А.