Блеснаа новите дресови на Тиквеш: Богатото наследство на Кавадарци се оживува... (ФОТО)

Македонскиот прволигаш Тиквеш официјално ја претстави новата гарнитура дресови со која ќе настапува во сезоната 2026/27.

Од кавадаречкиот клуб истакнуваат дека новиот дизајн, изработен од познатиот спортски бренд „Хумел“, претставува спој на богатата клупска традиција и модерниот изглед, со силен акцент на историјата која Тиквеш ја гради уште од 1930 година.

Во промотивната објава, клубот потенцира дека црвено-белите бои не се само препознатлив знак на Тиквеш, туку симбол на натпреварувачкиот дух, чувството на припадност и одговорноста што ја носи секој фудбалер кој го облекува дресот.

„Богатото наследство на Кавадарци се оживува под светлата на новата сезона. Дресовите за сезоната 2026/2027 не се само сезонски производ, туку модерна интерпретација на културата на клубот, која се протега од 1930 година до денес. Нова сезона. Нов изглед. Иста верба“, порачаа од Тиквеш.

Кавадарчани се доста активни на трансфер-пазарот ова лето, а во новата сезона ќе влезат со нов кормилар, откако за шеф на стручниот штаб беше назначен Оливер Богатинов.