• Иван Димовски

Репрезентацијата на Холандија е принудена да прави измени непосредно пред Европското првенство. Со сигурност од комбинација за настап отпадна Френки Де Јонг. Фудбалерот на Барселона се бореше да ја надмине повредата која го мачи пролетва, меѓутоа не успеа во својата намера.
Селекторот Роналд Куман потврди дека Де Јонг нема да патува со репрезентацијата во Германија, а под знак прашалник беше и Теун Копмајнерс кој заработи повреда на јунските тестови. Потврда дека Копмајнерс нема да патува со репрезентацијата објави фудбалскиот сојуз.
Делува како правдата да е задоволена и дополнителен повик добива Иан Матсен кој пролетва блесна во Борусија Дортмунд. 22-годишниот бек беше еден од клучните играчи на „милионерите“ во походот до финалето во Лигата на шампионите, а клубот работи на откуп на неговиот договор од Челзи.
Изненадување беше дека тој не се најде на финалниот список за Европското првенство, а сега Матсен имаше среќа и сепак ќе чека шанса да заигра на собирот.