Блажевски: Никој не заслужува ваков Вардар, вака лошо не било никогаш!

Најтрофејниот македонски фудбалски клуб Вардар на репрезентативна пауза оди при дното на табелата во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ) и тимот го чека битка за опстанок до крајот.

И тоа немаше да биде толку болно да не беше лошата игра која не ветува. Последниот меч со Струга Трим Љум беше оној кој ја прели чашата, затоа што се примија четири гола, а Вардар беше непрепознатлив на теренот. Многумина имаа критика за актуелната ситуација во Вардар и за случувањата на и надвор од теренот, а меѓу нив е и поранешниот капитен на клубот, Дејан Блажевски. Миленикот на „Комитите“ мина повеќе од пет години во црвено-црниот дрес и вели дека вакви игри - не памети.

„Играв повеќе од пет години во Вардар, бев капитен, сум видел се и сум минал низ се, од добри услови кога било се под конец, па се до моменти кога немавме каде да тренираме и немавме никакви примања. Но, ситуацијата никогаш не била лоша каква што е во моментов, кризата е разбирлива работа во спортот и може да му се случи на секој, но вака лош Вардар мислам дека немало никогаш. Да примаш по четири гола на два натпревари во низа е во најмала рака неразбирливо и срамно“, вели Блажевски.

Што е проблемот? Според Блажевски, се работи за промашен преоден рок во кој се донеле повеќе играчи кои не сфаќаат што значи да играш за Вардар.

„Потребна е целосна реорганизација на овој Вардар за работите да тргнат на подобро. Кај играчите кои пристигнаа за време на летото, чест на исклучоци, тоа се можеби само двајца од странците - Босанчиќ и Закариќ - не се гледа страст за Вардар и умешност за фудбал. Многу од имињата како да не знаат и да не сфаќаат што значи дресот и името Вардар и што значи да бидеш дел од клубот кој го следат армија навивачи“, додава тој.

Пораката на Блажевски е дека Скопје не заслужува да гледа ваков фудбал од страна на најтрофениот колектив...

„Скопје не заслужува ваков Вардар, Македонија не заслужува ваков Вардар, Комитите кои се број еден навивачи во државата не заслужуваат да гледаат ваков Вардар. Работите мора да се променат од корен, за да тргне на подобро. Мора сите да ја сфатат работата сериозно пред да биде предоцна, затоа што Вардар не е играчка, не е било кој клуб, туку е најтрофејниот колектив од Македонија“, заврши некогашниот капитен.

Дејан Блажевски играше за Вардар во периодот од 2015 до 2018 година, а потоа беше дел од клубот од 2020 до 2022 година. Има преку 150 настапи и 50 гола во вардаровиот дрес.