• Саше Љолес

Поранешниот претседател на ФИФА, Сеп Блатер, смета дека е време жена да застане на чело на Светската фудбалска организација, а како свој фаворит ја посочи Лисе Клавенес.
Претседателката на Фудбалската федерација на Норвешка веќе подолго време се споменува како можен противкандидат на Џани Инфантино за следните избори за претседател на ФИФА.
„Клавенес заслужува голема почит. Таа секогаш имаше јасен став и не одеше по полесниот пат. Во ФИФА дојде време жена да има водечка улога“, порача Блатер преку социјалните мрежи.
Клавенес е една од најгласните критичари на Инфантино, а нејзиното име во последниот период често се поврзува со можен предизвик за актуелниот претседател на ФИФА.
Блатер беше прв човек на светскиот фудбал од 1998 до 2015 година, кога беше принуден да ја напушти функцијата по корупцискиот скандал што ја потресе организацијата. На негово место потоа дојде токму Инфантино.