Бјелица за Gol.mk: Немаме притисок во Лисабон и тоа е нашата шанса за четвртфинале

Gol.mk ексклузивно интервју

Динамо Загреб е европски хит. Екипата која пред неколку години играше квалификации во Лигата на шампионите против нашиот Вардар, денес е европска реалност, тропа на вратата на четвртфиналето на Лига Европа, а одлично ја наполни и клупската каса.

Творец на успехот на „модрите“, клуб во кој капитен е Аријан Адеми, е младиот тренер од Осијек, Ненад Бјелица. Тој експресно од хрватскиот шампион направи супер-машина, а откако не успеа да влезе во групната фаза на Лигата на шампионите за сметка на Јанг Бојс, ја мобилизира екипата и стигна до европска пролет во ЛЕ.

Првата пролетна пречка Викторија Плзен беше прескокната, а и во првиот осминафинален натпревар беше обезбеден позитивен резултат, откако во Загреб падна двојниот европски првак Бенфика со 1-0.

Разговара: Живко Здравковски

На пат за Лисабон, Ненад Бјелица зборуваше за Gol.mk пред историската шанса за четвртфинале. Во Хрватска како реална опција се гледа на можноста, по Хајдук пред 25 години (четвртфиналист на Лигата на шампионите), пак една хрватска екипа да влезе меѓу најдобрите осум екипи во еден европски Куп.

„Мислам дека во текот на целата есен и пролетва покажавме дека можеме да бидеме конкурентни со најдобрите европски екипи. Имаме одличен скор во евро-куповите, добро се претставивме скоро цела сезона. Еве и сега пред натпреварот против Бенфика се надеваме дека ќе поминеме. Имаме добар резултат од првиот натпревар и мислам дека нашите шанси за четвртфинале се големи“, ни рече Бјелица.

По минималната победа минатиот четврток, Динамо има мала, ама забележителна предност против лидерот на Примеира. „Орлите“ синоќа кикснаа и во домашното првенство и одиграа само 2-2 против Белененсес.   

„Тешко е да кажам сега дали ова го очекував, но тоа што го сторивме ги минува сите очекувања кои ги имавме. Среќен сум што после 50 години остваривме ваков успех и се надевам дека нашиот момент ќе потрае уште некој месец. Шансите со Бенфика се 50-50% и мислам дека можеме да издржиме на „Да Луж“ и да оствариме позитивен резултат. Немаме притисок дека мора да поминеме во четвртфиналето и тоа ни оди во прилог пред вториот натпревар“, тврди поранешниот тренер на Лех Познањ.

Скромниот предводник на лидерот во ХНЛ смета дека хемијата во екипата е евидентна и дека огромниот ростер е предност и причина за високата разлика во домашното првенство и долгиот европски пат.

„Тимскиот дух е нашиот адут, но имаме и широк ростер, имаме голем број фудбалери кои ги користам во текот на сезоната и во домашните и во европските натпревари. Сите добиваат шанса, ротираме 27 фудбалери цело време и тоа е причината за овој успех“, потенцира 47-годишниот тренер.

Нашиот репрезентативец Аријан Адеми нема среќа со повредите и нема да настапи ни на реваншот во Португалија. Сепак, Бјелица има само пофални зборови за фудбалерот за врска. 

„Аријан е наш капитен, еден од најискусните фудбалери, лидери во екипата и за нас е многу важен. За жал не игра веќе неколку натпревари, но екипата и без него изгледа добро. Верувам дека во Португалија ќе одиграме на ниво и дека ќе ги израдуваме навивачите“, заврши Бјелица.

Група од неколку илјади фанови на хрватскиот гигант ќе биде дел од денешната средба и ќе ги бодри „модрите“ кои имаат можност да влезат во легендите.  

Динамо Загреб - Бенфика 1-0 (7 март 2019 година)

Динамо пријави добивка од 145 милиони во последната деценија

Во последните десет години, Динамо продаде 309 фудбалери и заработи 206,35 милиони евра само од обештетување. Добивката изнесува 145,72 милиони евра. Ниту еден балкански клуб не е ни блиску, а во Европа само седум екипи имаат повисока заработка од своите продажби.

17 милиони евра е наградата од УЕФА за „модрите“

Со веќе одиграни 13 натпревари, загрепчани ја обезбедија најголемата финансиска награда од УЕФА во својата историја. Тие досега заработија 17 милиони евра, а сумата може да се зголеми ако биде елиминира Бенфика. За секоја од четирите победи во групната фаза на ЛЕ, хрватскиот првак заработи 570.000 евра, двата нерешени резултати им донесоа по 190.000 евра, а обезбеденото осминафинале ја наполни касата за дополнителни 1,1 милион евра. 

Милан бара тројца фудбалери на Динамо

Италијанскиот гигант Милан покажа интерес за тројца фудбалери на тимот од Загреб и е подготвен да понуди 70 милиони евра. Најмногу се бара Шпанецот Дани Олмо со кој „росонерите“ веќе подолго време се поврзуваат. Тој е проценет на 25 милиони евра, а интерес за него има и од Барселона и Борусија Дортмунд. Другите двајца се фудбалерите за врска Никола Моро и Антонио Марин. Двајцата се оценети како вистински таленти со голем потенцијал.

Динамо на Хрватска ѝ донесе втор претставник во Лигата на шампионите

Победа на Динамо минатиот четврток се славеше низ цела земја. Дури и оние кои не се приврзаници на екипата имаа причини за славје. Триумфот донесе огромен напредок на клупската рејтинг листа на УЕФА, па така Хрватска од сезоната 2019/20 ќе има два претставници во квалификациите на Лигата на шампионите. На хрватскиот клупски фудбал му беше потгребен само еден бод од двата натпревари во осминафиналето за да бидат прескокнати Швајцарија и Данска.

Бјелица пред 19 месеци го порази Пелистер во Струмица

Иако има 47 години, Ненад Бјелица е искусен и успешен тренер. Играчката кариера ја почна во Осијек играше во Примера за Албасете, Селта и Бетис, во бундеслигашот Кајзерслаутерн и во австриските клубови Адмира и Кернтен. Како требер започна во клубот во кој заврши како играч, а по Луштенау, работеше ВАК, Австрија Виена, италијанската Специја и Лех Познањ, пред да дојде во Динамо. Во сезоната 2017/18 со полскиот претставник гостуваше во нашата земја и го совлада Пелистер во Струмица со 0-3.