• Иван Димовски
Динамо Загреб испушти двојна предност против Монако и на крајот мораше да се задоволи со нерешени 2-2 во второто коло на Лигата на шампионите на „Максимир“.
По натпреварот повратникот на клупата на „модрите“ Ненад Бјелица нагласи дека за него ова е рамно на победа. Во неколку наврати стратегот се осврна на мечот како на добиен, бидејќи според него е многу важно што Динамо се покажал како рамноправен против ривал како Монако.
„Одигравме доста солиден натпревар. Водевме со 2-0 и ништо не најавуваше дека Монако може да нè загрози. Заслуживме три бода и сакам да му честитам на мојот тим за „победата“, иако на крајот ремизиравме. Ова беше голема „победа“ бидејќи покажавме дека можеме да се носиме со тим од овој калибар.
Ќе бидеме компетитивни во секој натпревар, имаме што да кажеме во Лигата на шампионите. Нема да бидеме инфериорни, се надевам ќе го држиме нивото од мечот со Монако“, изјави Бјелица.
По две рунди во елитното натпреварување Динамо има еден бод, бидејќи во воведната рунда беа декласирани од Баерн Минхен со 9-2. Сепак, сега против Монако хрватскиот тим покажа друг лик.