Бизарно правило поништи гол во 101. минута: Играчите на Рен беа во бунило (ВИДЕО)

Натпреварот меѓу Рен и Виљареал понуди доста интересни моменти, а на крајот шпанскиот тим славеше со 2-3 во последната рунда од групната фаза на Лига Европа. Сепак, исходот можеше да биде многу лесно и поинаков, а Рен даде израмнувачки гол во 101. минута кој беше поништен. 

Имено, Французите добија слободен удар на ветувачка позиција, Енцо Ле Фе шутна во пречката и топката му се врати во нозе. Потоа настана акција која резултира со погодок на десниот бек Асињон за делириум на трибините и на теренот. Сепак, тогаш се јави ВАР собата и го поништи погодокот.

  • Поништениот гол на Рен во 101. минута:

Причината беше едно во најмала рака бизарно правило кое ретко кој го знае. Во фудбалскиот правилник стои дека играчот кој изведува слободен удар или пенал, ако ја погоди рамката од голот - не смее прв да игра со одбиената топка. Доколку никој друг не ја допре топката и таа се врати до изведувачот, се суди индиректен удар. 

Токму поради ова правило Рен го загуби првото место во групата Ф и, наместо во осминафинале, ќе игра плеј-оф со екипите кои доаѓаат од Лигата на шампионите.