• Горан Упале

Серијата порази на фудбалскиот клуб Пелистер донесе незадоволство кај битолчани. Навивачката група „Чкембари“ побара одговори за лошата игра на тимот и за ваквиот расплет во пролетниот дел од сезоната, а со одговор се јави и клубот кој од своите верни фанови повика на обединување по серијата порази.
Пелистерци во последните пет кола од ПМФЛ запишаа четири порази, а последниот од Брера среде Битола ја прели чашата и стигна реакција од битолските навивачи.
„Оваа сезона, ФК Пелистер не игра ништо! Посебно загрижува општиот впечаток дека во вториот дел сме уште послаби од првиот дел на сезоната. Народски кажано, од лошо полошо. Бараме одговор, кој е задолжен за долгата листа на промашени засилувања кој се доведени во нашиот клуб? Дел од нив, донесени се со повреди или па месеци неактивни пред нивното доаѓање во Битола“, меѓудругото стои во објавата на „Чмембари“.
Неколку часа по објавата на битолските навивачи пристигна одговорот од клубот.
„Фудбалската сезона 2024/25 влегува во последните 5-6 недели и сведоци сме на голема борба за секоја позиција во Првата фудбалска лига, но и во младинските категории. Апелираме на обединетост на сите структури во ФК Пелистер, нашите симпатизери и навивачи.
Не бегаме од одговорност и на крајот на сезоната мирно ќе го анализираме сработеното и ќе ја погледнете перспективата која ни ја носи иднината. Бараме поддршка од навивачите до играчите и екипата. Работата на управата е јавна и секако дека може да биде предмет на критики. Максимално стоиме зад тимот и стручниот штаб и убедени сме дека ќе ја оствариме целта. Затоа прозивките нека бидат кон нас, а не кон фудбалерите, на кои им треба мир. Уште еднаш апелираме на обединетост, бидејќи таа ни е максимално потребна во овој момент кога се бориме да ги оствариме зацртаните цели“, велат од битолскиот клуб.
Комплетното соопштение на клубот можете да го прочитате на ОВОЈ линк.
Во следното коло Пелистер гостува кај Работнички, на 19 овој месец.