Битката за западен Лондон, пари, историја...

Fulam

Брентфорд и Фулам во борба за Премиер лигата и 200.000.000 евра во најскапиот меч на светот. Митровиќ и Кебано го загрижуваат Скот Паркер. Пчелите чекаат на елитата 77 години.

Момент на вистината – Брентфорд или Фулам? Кому ќе му се отвори вратата од рајот? Кој ќе биде последниот учесник на Премиер лигата во сезоната 2020/21? Одлуката ќе падне во вторник (20:45) на култниот „Вембли“. Во финалето на плеј-офот во Чемпионшип ќе се сретнат лутите ривали, соседски клубови чии стадиони се наоѓаат на неколку километри раздалеченост. Дербито на западен Лондон – влогот е огромен. Победникот го чека елитата, но и награда од 200.000.000 евра. Толку се проценува дека ќе добие победникот на најскапиот меч на светот како што веќе е утврдено дека се нарекува финалниот дуел за пополнување на најдобрата лига во Англија.

Двата тима ја оправдаа улогата на благ фаворит во полуфиналните натпревари. Фулам беше подобар за еден гол од Кардиф (2-0 и 1-2), додека Брентфорд елиминираше уште еден велшки клуб, Свонси (0-1 и 3-1). Навивачите на Фулам со радост се сеќаваат на 26 мај 2018 година. Во големото финале на „Вембли“, тимот од Лондон ја победи Астон Вила со 1-0 и стигна до Премиер лигата. Екипата од „Кревен Котиџ“ тогаш од клупата ја предводеше Славиша Јокановиќ, а на теренот беше Александар Митровиќ. Српскиот стручњак фудбалскиот леб сега го заработува во Катар, додека популарниот Митар сè уште го носи дресот на Фулам.

>>> Сите квоти за мечот меѓу Брентфорд и Фулам

Исплашени се сите во редовите на „Колибарите“. Митровиќ поради повреда го пропушти двомечот со Кардиф. Знае Фулам дека ќе победи и без најдобриот стрелец на Чемпионшип и сите англиски професионални лиги (26 голови), но сите посакуваат Србинот да се опорави и да го предводи нападот со својот тим. Призна и тренерот Скот Паркер по реваншот против Кардиф дека Митровиќ можел да игра, но не бил 100% подготвен. Од тогаш минаа пет дена, можност да се санира проблемот со грбот.

Тоа не е единствениот проблем кој го мачи Паркер. Во реваншот против Кардиф се повреди и јунакот за пласман во финалето на плеј-офот, Нескенс Кебано. Напаѓачот од ДР Конго постигна по еден гол во двата дуели, но во Лондон минатата седмица беше заменет на полувремето. Во прашање е полесна повреда на коленото. Двајцата би можеле да се вратат на терен.

„Нескенс почувствува болка во коленото. Митровиќ е подобар од ден во ден. Беше многу близу до опоравување и во четвртокот пред реваншот, но не беше во целост спремен. Затоа беше најгласен на трибините, го слушавме и ние на клупата како вика, пцуе, ги бодри соиграчите, а особено во второто полувреме. Беше многу ризично да го пуштиме да игра, но се надевам дека ќе се опорави до финалето. Горд сум на играчите. Минавме немилосрдни два месеци, три случаи позитивни на коронавирусот...“, изјави Паркер.

Брентфорд чека на елитата дури 77 години. Против Свонси во средата избраниците на данскиот стручњак Томас Франк се простија од „Грифин парк“. Наредната сезона се селат на нешто поголемиот „Брентфорд Комјунити“ стадион, со капацитет од 17.250 гледачи. Каква награда би била за „Пчелите“ да играат во Премиер лигата на новиот терен? Се разбуди и Оли Воткинс, напаѓачот на Брентфорд. Тој се бркаше со Митровиќ цела сезона во Чемпионшип. Србинот беше подобар за еден гол, но напаѓачот на „Пчелите“ ја затресе мрежата на Свонси во средата и сега и тој има 26 голови на контото.

Традицијата последните години е на страната на Брентфорд. Оваа сезона Фулам во двата наврати беше поразен, а не постигна ниту гол против соседите за 180 минути. На „Грифин парк“ беше 1-0 во декември, а во јуни на „Крејвен Котиџ“ Брентфорд славеше со 2-0. Од последните десет натпревари на екипите од западен Лондон во Чемпионшип, Фулам има само еден триумф, а Брентфорд дури шест, додека три меча завршија без победник. Вкупно, овие тимови одиграа 60 натпревари, а „Пчелите“ имаат победа повеќе (22-21 со 17 реми средби).