• Иван Димовски
Островските фудбалски репрезентации на Англија и Велс ќе играат меѓусебе во третото одлучувачко коло на Мундијалот во Катар. Откако „Гордиот Албион“ се лизна против Соединетите Американски Држави, сега има голем влог во соседското дерби.
Иако потекнуваат од ист регион и се дел од исто кралство, навивачите на двете репрезентации влегоа во жесток клинч. Фанови на Англија и Велс, кои веројатно патуваат кон Катар преку Тенерифе, Шпанија, на улиците пред неколку локали направија вистински хаос. Огромен број навивачи во неколку групи си разменија тупаници, клоци и се удираа со столчиња.
Овој судир на навивачите островските медиуми го именуваа како „Битка за Британија“, поради потеклото на вклучените страни.
Според информациите, во Тенерифе има околу 2.500 островски навивачи. Пресметката на Велс и Англија се игра во вторник, па можни се и нови судири.