„Бисерот“ Китановски го потпиша првиот професионален договор со Вардар

Талентираниот голман и репрезентативец во младите категории на Македонија, Кристијан Китановски доби професионален договор во Вардар и од вториот дел на шампионатот ќе биде прекомандуван во првиот тим. 

Китановски дојде во „црвено-црниот“ тим од екипата на Пелистер, а претходно настапуваше за фудбалската школа Талент од Битола. 17-годишникот вчера стави потпис за две и пол годишна професионална соработка со Вардар. Во сениорскиот тим се очекува да биде наследник на капитенот Филип Гачевски.

Кристијан е син на поранешниот голман на Пелистер, Николче Китановски, чувар на мрежата во генерацијата на пелистерци која го освои Купот на Македонија во 2002 година.