Биелса подготвува изненадување: Алиоски ќе биде втор напаѓач на Лидс?

Екипата на Лидс Јунајтед се соочува со големи проблеми поради повреди пред мечот со Вест Бромвич Албион (ВБА), а тренерот Марсело Биелса спасот го гледа во македонскиот репрезентативец Езџан Алиоски.

Алиоски, кој е еден од подобрите играчи на Лидс Јунајтед оваа сезона, воглавно игра како лево крило и лев бек. Но, против ВБА во тимот би можел да добие нова улога, поради проблемите со повреди на тимот од Чемпионшип лигата.

Најголем хендикеп Лидс има во нападот, каде фали играчот кој игра како „десетка“, односно како втор напаѓач. Медиумите од Островот велат дека Биелса подготвува изненадување за ВБА, кое се вика Езџан Алиоски. Македонецот наводно ќе игра на позицијата на втор напаѓач, за првпат во својата кариера.

Лидс Јунајтед во претходното коло загуби од КПР, а против ВБА мора да оди на три бода, со оглед на тоа што се работи за директен конкурент за едно од местата кои водат во англиската Премиер лига наредната година.