Биелса не се предава, го сака Елмас во својот Лидс

Иако можеби не ја доби вистинската шанса за докажување кај Џенаро Гатузо и честопати беше на клупата за резерви, Ељиф Елмас секогаш кога ќе беше на терен го даваше максимумот и имаше одлични партии во дресот на Наполи. 

Нашиот фудбалски „дијамант“ во 2019 година од Фенербахче се пресели во Наполи, но не се наигра на „Диего Марадона“, па затоа ова лето честопати се споменува за негово заминување од италијанскиот гигант. Наводно, за неговите услуги се заинтересирани Борусија Дортмунд и Бенфика, екипи кои се потпираат на млади таленти, па од нив прават вистински фудбалери, но како што пренесува еден од најелитните британски медиуми „Атлетик“, во трката за потписот би се вклучил и Лидс Јунајтед. 

Имено, легендарниот стратег на клупата на тимот од Јоркшир, Марсело Биелса, бил голем вљубеник во играта на нашиот млад офанзивец, па од раководните лица на клубот побарал да бидат започнати преговори со Наполи. Впрочем, за интересот на Лидс и Биелса за Елмас се зборуваше и во текот на зимскиот трансфер период, но тогаш македонскиот репрезентативец не ја промени средината и остана во Наполи.

Лидс Јунајтед со Езџан Алиоски на левата бековска позиција, беше најпријатното изненадување во сезоната во Премиер лигата која тукушто заврши, а со оглед на начинот на кој игра Елмас, сигурно одлично ќе се вклопи во филозофијата на популарниот „лудак“.