Биелса: Алиоски не е повреден, потребен ни е во „петта брзина“!

Поранешниот англиски великан, Лидс Јунајтед изминатиов викенд одигра нова фантастична партија во Чемпионшип и со минимални 3-2 го совлада големиот ривал Милвол, со што го продолжува походот кон директно место во Премиер лигата следната сезона. 

Фудбалерите на тимот од Јоркшир играа отворен и допадлив фудбал и повторно ги одушевија своите фанови, но на стартот на вториот дел беа шокирани, бидејќи од тунелот не излезе македонскиот репрезентативец Езџан Алиоски. 

Многумина мислеа дека се работи за некоја повреда, но менаџерот Марсело Биелса ги демантираше тие пишувања и ја откри вистинската причина за замената. 

„Алиоски одигра два исцрпувачки натпревари за својата репрезентација, а на истите истрча премногу, беше активен во нападот и секогаш навремено се враќаше во дефанзивата да покрие. Затоа се одлучив да го заменам по само едно полувреме. Тој не трчаше во „петта брзина“, а ако го немаме него во таква форма, тогаш тоа е голем проблем за нас. Не станува збор за никаква повреда, тој ни е потребен во „петта брзина“ за да прави разлика", рече искусниот стратег. 

На седум кола до крајот на шампионатот Лидс со 76 бода е втор на табелата, само два бода помалку од Шефилд Јунајтед.