ВИДЕО: Лацио ја прекина серијата порази, на „Олимпико“ рутински совладана Верона

Лацио ја прекина серијата од три порази во Серија А и во рамките на 25. коло, на својот „Олимпико“ ја совлада претпоследната Верона со 2-0 (0-0).

Лацијалите од самиот старт на натпреварот тргнаа офанзивно, создадоа безброј шанси во првиот дел, но гостите не капитулираа, па на полувреме се замина со почетните 0-0.

Она што не го направи римскиот клуб во првиот, го реализира на почетокот на вториот дел. Чиро Имобиле одлично ја искористи асистенцијата од Луис Алберто и го матира Николас за водство од 1-0. Само четири минути подоцна сите дилеми околу денешниот победник ги разреши Милинковиќ-Савиќ со додавање за Имобиле и двојна предност (2-0).

Во продолжение темпото на игра спласна, избраниците на Инзаги мирно го приведоа натпреварот кон крајот и ги сочуваа своите сили за реванш натпреварот од Лига Европа против ФКСБ.

Во наредното коло Лацио игра на гостински терен против Сасуоло, а Верона битката за опстанок ќе ја продолжи на домашен терен против Торино.