„Би-Би-Си“ го смести Мато меѓу играчите на кои треба да се посвети внимание на АКН!

Еден од најдобрите играчи од Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ) и прв стрелец на Вардар, Роџерс Мато ќе биде единствениот фудбалер од мак-фудбалот кој што ќе настапи на претстојниот Африкански Куп на Нациите. 

Токму напаѓачот на Уганда е во центарот на африканската фудбалска јавност, а неговото име се најде меѓу фудбалерите на кои ќе треба да се обрне внимание на шампионатот на најдобрите африкански селекции. 

Меѓу мноштвото големи имиња, „Би-Би-Си“ Африка профилира шест играчи кои ќе бидат во фокусот на фудбалската јавност, а меѓу нив е и асот на Вардар. 

Уганда по пауза од шест години се враќа на Африканскиот Куп на Нациите, откако квалификациите ги заврши на второто место, веднаш зад фаворитот Алжир. Мато со три гола беше најдобар стрелец на репрезентацијата во квалификациите и токму од него се очекува да биде ударна игла на селекцијата на континенталниот собир. Селекцијата на Уганда ќе биде дел од групата Ц, каде се наоѓаат уште силните Нигерија и Тунис, како и Танзанија.

Покрај Мато „Би-Би-Си“ во фокусот ги стави и Осимен (Нигерија), Унахи (Мароко), Амура (Алжир), Мбаје  (Сенегал) и Реинилдо (Мозамбик).

АКН започнува на 21 декември, а Уганда првиот настап ќе го има на 23 декември против селекцијата на Тунис од 21:00 часот.