Безброј комбинации за прво место: Македонија сама од себе зависи за промоција во Лига Б

Победата над Естонија со 2-1 во последниот домашен натпревар во Лига Ц на Лигата на нации, за нашата репрезентација значи уште еден голем чекор кон пласман во Лига Б. Сега Македонија е лидер и ја исклучи Естонија од трката за првото место.

Како и да заврши натпреварот Грузија - Ерменија, нашиот национален тим сам од себе ќе зависи за првото место во групата. Македонија е лидер со девет бода, но може да биде стигната од Грузија, ако попладнево Ерменија падне во Тбилиси. Во таков случај нашата селекција в среда ќе игра против Ерменија која е веќе елиминирана од трката за првото место и со оглед на идентичен меѓусебен скор со Грузија (двапати по 1-1), може и гол-разликата да решава за првото место. В среда во исто време со нашиот натпревар во Никозија против Ерменија, Грузија гостива во Талин против Естонија. 

Ако Ерменија ремизира или победи во Тбилиси сите три селекции ќе останат во игра за првото место на 90 минути до крајот. За нашата селекција најдобра опција е нерешен резултат, иако во сите комбинации одлуката ќе падне в среда околу 20:00 часот.