• Зоран Мишевски
Еден од нашите најискусни интернационалци, фудбалерот за врска Стефан Спировски од пред неколку дена повторно е слободен фудбалер. 29-годишникот го напушти Хапоел Тел Авив и во родната Битола го прослави раѓањето на својот син.
Шампионатот на Израел е прекинат, нема назнаки кога ќе продолжи, а претходните шест месеци беа и тоа како успешни за Спировски. Еден од легендарните фудбалери на Хапоел, сега спортски директор, Моше Синаи жали за заминувањето на еден од најдобрите фудбалери на екипата.
„Бевме многу поврзани со Стефан Спировски, лично и професионално. Како што поминуваше времето, тој го разбираше своето место на теренот и успеа да остави трага во тимот. Тој е многу квалитетен играч. Го сакаме и ја разбираме неговата и тешкотијата на неговото семејство во овој период. Му посакуваме многу среќа после раѓањето на неговиот прв син и секако многу успех во професионалната кариера“, изјави за клупската веб страница, спортскиот директор и член на Управниот одбот на Хапоел, Моше Синаи.
Македонскиот репрезентативец одигра одлична сезона во најдобриот израелски шампионат и за Хапоел Тел Авив запиша 21 настап и три голови.