ВИДЕО: Бетис сигурен во Бугарија, Рома загуби дома од Лил, Селтик разочара со Брага

Екипата на Бетис ја забележа првата победа во новата сезона во Лигата на Европа. По стартното реми против Нотингем Форест (2-2), вечерва шпанскиот претставник беше сигурен на гостувањето кај Лудогорец и за дома се врати со триумф од 0-2

Првиот гол во Бугарија падна по половина час игра, откако домашната мрежа ја затресе Ло Селсо, на додавање на Натан. Овој резултат беше активен до 53. минута, кога домашниот фудбалер Сон несреќно си постигна автогол за конечна победа на Бетис од 0-2. 

Фудбалерите на Рома потфрлија пред својата публика и со пораз го отворија второто по ранг натпреварување на УЕФА. Во дербито на првото коло римскиот гигант го положи „оружјето“ пред екипата на Лил и на „Олимпико“ загуби со минимални 0-1. Автор на победничкиот погодок за Французите беше Харалдсон уште во шестата минута. Инаку, во Рим се случи неверојатен момент, откако во финишот од натпреварот домаќинот промаши ист пенал, трипати.

Проблемите во редовите на Селтик како да немаат крај. Шкотскиот шампион откако неочекувано беше елиминиран во квалификациите за Лигата на шампионите, вечерва разочара и во Лигата на Европа. „Зелено-белите“ не го искористија домашниот терен и загубија од Брага со 0-2. 

Во германско-италијанскиот дуел Болоња и Фрајбург одиграа без победник, со по еден постигнат гол, додека Фенербахче впиша воведни три бода со триумфот над Ница од 2-1.