ВИДЕО: Бетис конечно ѝ стави крај на „црната“ серија, Селта немоќна во Севиља

Фудбалерите на Бетис конечно ѝ ставија крај на „црната“ серија во Примера и во вистински момент им се вратија на победите. Пред својата публика, „зелено-белите“ во вториот дел го скршија отпорот на Селта Виго, и по четирите врзани порази, извојуваа голема победа од 2-1 (0-0).

Бетис долго време се мачеше да ја пронајде својата игра на овој натпревар. Гостите од Виго на изненадување на сите беа подобриот ривал на терен и во првиот дел на домаќинот не му дозволија да упати ниту еден директен удар кон голот на Висенте Гуаита.

Така беше и на стартот од вториот дел, но откако Пелегрини направи одредени промени во формацијата и во игра внесе свежи сили, настаните на теренот драстично се променија. Бетис конечно заигра како што се очекуваше и преку Миранда поведе со 1-0, а во самиот финиш искусниот Фекир донесе комотни 2-0. До крајот на средбата Селта успеа само да го ублажи поразот и конечните 2-1 ги постави Ларсен.

  • Извештај од натпреварот:

Бетис на осум кола до крајот на сезоната сè уште е во игра за пласман во Европа, а во следното коло гостува кај Валенсија. Селта, пак, која ќе мора да се соземе и да почне да победува, доколку сака опстанок, за следен ривал го има тимот на Лас Палмас.