Бетис ја објави новата табела на Примера: Севиља лидер и нов шампион!

Одлуката за формирање на Суперлига ќе донесат последици и врз националните првенства, кои ќе претрпат измени, а дури и да настапат дванаесетте клуба основачи на новото натпреварување, националниот шампионат ќе им биде во втор план.

Примера, преку претседателот Хавиер Тебас, уште синоќа ја осуди новата Суперлига и најави казни. Првиот човек на УЕФА, Александар Чеферин најави дека има поддршка од федерациите во Шпанија, Англија и Италија да ги исклучи клубовите кои ќе настапат во Суперлигата од националните шампионати. Дури и најави дека ако некогаш се вратат да играат во својата земја, да бидат сместени во најнизок ранг на натпреварување.

Шпанскиот прволигаш Бетис прв се пошегува на оваа тема, иако шегата лесно може да стане вистина. Имено, клубот на своите профили на социјалните медиуми ја објави новата табела на Примера без „одметниците“ Атлетико Мадрид, Реал Мадрид и Барселона. Во тој случај Севиља е суверен лидер и веројатно нов шампион, пред Виљареал и Бетис.

Секако дека овој твит денес е само шега, но теоретски Примера може веднаш да ги исклучи трите клуба, дури и без да чека одлуката од Европската куќа на фудбалот (УЕФА).