Бетис е заинтересиран за Ориги, напаѓачот е во потрага по поголема минутажа

Ориги

Белгискиот напаѓач Дивок Ориги беше еден од хероите на Ливерпул во Лигата на шампионите.

Младиот голгетер постигна два гола во несекојдневниот пресврт против Барселона, а потоа реализираше и во големото финале за конечна победа на „црвените“ против Тотенхем во Мадрид.

24-годишникот секогаш е во втор план на Јирген Клоп поради конкуренцијата со Садио Мане, Мохамед Салах и Роберто Фирмино. Ова лето тој реши да побара решение за својата ситуација и доби понуда да се пресели во Шпанија.

Посакуван е од екипата на Бетис која му ја ветува толку посакуваната висока минутажа. Андалузијците се надеваат дека премиерлигашот ќе се ослободи од Ориги сега, наместо да чека другото лето кога би можел да го загуби како слободен играч.

Од младинските категории во Лил, Белгиецот се пресели на „Енфилд“ во 2014 година. Најпрво беше испратен на позајмица во Волфсбург и Лил, а минатата сезона беше вратен како резервна опција на ударното напаѓачко трио.