Бешикташ објави дека е „исчезнат“, а фудбалерот објасни каде се наоѓа и што се случува со него

Тренерот на турскиот гигант Бешикташ, Шенол Ѓунеш, се најде во центарот на вниманието откако утрово изјави дека англискиот фудбалер Деле Али не се појавил на тренингот и „не знаел каде се наоѓа“, а не одговарал и на неговите повици. 

Започнала неколкучасовна панична потрага по 26-годишниот Деле Али, а тој се огласи на својот Инстаграм профил и ја објасни целата ситуација. Фудбалерот напиша дека клубот му дозволил неколкудневен одмор и тој го искористил времето за дополнителни лекарски прегледи. 

„Добив пораки од многу луѓе и би сакал да ја појаснам ситуацијата. Не сум „исчезнат“, клубот ми даде дозвола да одам на лекарски прегледи, а јас утре се враќам во тренажен процес и ќе бидам повторно на располагање на стручниот штаб“, стои во кратката објава од Англичанецот. 

Пред само неколку денови беше објавено дека тој е суспендиран од тимот, но сепак изгледа дека тренерот Ѓунеш се предомислил и сака да го врати играчот во екипата. Деле Али беше доведен како огромно засилување за Бешикташ и рака на срце, солидно ја започна сезоната, но потоа следуваше голем пад во формата и многумина беа разочарани од неговиот перформанс. 

Тој уште е многу млад и има време да ја крене својата форма. Беше неверојатен во дресот на Тотенхем кај тренерот Маурицио Почетино, но потоа неговата кариера доживеа вртоглав пад и сега се труди со сите сили да се врати во старата, препознатлива форма, а тогаш беше еден од најдобрите офанзивни фудбалери во Англија.