Беше желба на Јунајтед, Арсенал..., но на крај заврши во Лестер Сити! 

Еден од најголемите белгиски таленти, Јури Тилеманс, ги одби сите понуди од европските гиганти и донесе одлука кариерата да ја продолжи во редовите на Лестер Сити, каде ги мина последните шест месеци од ланската сезона.

Младиот офанзивец уште од пред извесен период објави дека не сака да се врати во Монако, па во трката за неговиот потпис тргнаа Манчестер Јунајтед, Арсенал, Манчестер Сити..., но на крај победија „лисиците“ кои денес го претставија како најголемо летно засилување. 

„Возбудливо е да се биде дел од Лестер. Овој тим знае како треба со младите фудбалери, па затоа јас решив да продолжам тука. Едвај чекам повторно да го облечам овој дрес, ветувам дека ќе го давам максимумот на секој натпревар. Сакам со Лестер да направиме нови чуда“, рече Тилеманс. 

22-годишниот Белгиец потпиша четиригодишен договор со поранешниот шампион на Премиер лигата, а Монако од овој трансфер доби 40 милиони евра. 

Тилеманс мина шест месеци на позајмица на „Кинг Пауер“, каде импресионираше со своите настапи, постигнувајќи три гола и четири асистенции на 13 натпревари.