Беше привремен тренер, па освои шест титули во една сезона: Флик го напушта Баерн!

Тренерот на Баерн, Ханси Флик потврди има план да го напушти клубот од Минхен по крајот на сезоната. 

Баерн попладнево го совлада Волфсбург во гости со 2-3 и го зголеми шансите за нова титула во Бундеслигата, а по натпреварот, германскиот стратег потврди дека е пред заминување по завршувањето на сезоната.

„Денес му реков на тимот дека сакам да си заминам кога ќе ми истече договорот, а тоа е по крајот од сезоната. Јас лично сакав да им кажам на играчите затоа што знам колку е важно тоа. Исто така, сакав тимот да знае што се случува. Одушевен сум од нив, од нивниот квалитет и благодарен сум што бев дел од овој клуб“, рече 56-годишниот стратег.

Флик откри дека оваа информација на челните лица на клубот им ја соопштил по елиминацијата од ПСЖ во Лигата на шампионите. Германскиот стручњак го презеде Баерн во ноември 2019 година, а минатата сезона освои шест титули.