• Иван Димовски
Ален Халиловиќ важеше за еден од најголемите таленти кои доаѓаат од Балканот, како младо момче од Динамо Загреб прејде во школата на Барселона и дебитираше во првиот тим, меѓутоа никогаш не го исполни потенцијалот.
Сега, хрватскиот интернационалец е можно засилување на Ријека. Клубот од Хрватска денес го потврди Матеј Митровиќ, а тамошните медиуми најавија уште едно ново име. Се работи токму за 26-годишниот Халиловиќ кој остана без клуб откако замина од англиски Рединг. Дури и во Чемпионшип лигата, Хрватот имаше половична минутажа, одигра дванаесет натпревари целата сезона, даде гол и запиша две асистенции.
Патот на Халиловиќ е интересен. Преку Динамо Загреб дојде до Барселона. Откако не се наметна како младо момче, хрватскиот офанзивец беше позајмен во Спортинг Хихон, а потоа прејде во Хамбургер. Ниту во Германија не се наметна, играше за Лас Палмас и направи трансфер во Милан, но и „росонерите“ го испраќаа во Стандард и Херенвен. Во 2020 година остана без клуп, по што потпиша со Бирмингем, па заигра и за Ридинг.
Халиловиќ во неколку наврати беше поврзуван со Динамо Загреб, ама до кам-бек не дојде. Сега, Ријека е еден од кандидатите за потписот, а 26-годишникот нема премногу опции да бира и мора да ја оживува кариерата.