• Иван Димовски
Нов проблем се појави за Динамо и Исмаел Бенасер, бидејќи Алжирецот повторно заработи повреда само што се врати на терените по пауза.
Играчот од средниот ред се повредил за време на интензивен тренинг. Првичните сомнежи се дека станува збор за повреда на лигаментите во коленото, што би значело пауза од околу четири до пет недели. Се очекуваат детални прегледи со магнетна резонанца за да се утврди точната дијагноза.
Ова е сериозен удар за Бенасер, кој го одби повикот од репрезентацијата на Алжир со цел да се избори за место во тимот на тренерот Ковачевиќ. Наместо враќање во посакуваната форма, повторно се соочува со нова пауза. Тој и претходно имаше проблеми со повреди оваа сезона, откако во јануари се повреди на мечот против Осијек и пропушти десет натпревари за „модрите“.
Бенасер пристигна во Динамо на позајмица од Милан до крајот на сезоната и покрај падот на пазарната вредност, сè уште е највредниот фудбалер во тимот. Дополнително, станува збор за еден од најскапите ангажмани за клубот, со оглед на високата плата која делумно ја покрива Динамо.




