• Иван Димовски
Марио Балотели има кариера која сериозно оди во надолна линија, може да се каже и во слободен пад. Италијанецот последно настапуваше за Адана Демирспор, но ова лето остана без клуб. Преговараше со доста клубови, еден од нив беше и словенечки Целје, ама не потпиша никаде.
Сега се верува дека 34-годишникот е пред потпис со клуб од Трета лига. Се работи за шпанската екипа Интерсити која се натперварува во Примера Федерасион група 2, што е трет ранг на фудбалот во Шпанија. Според мадридски „АС“, преговорите меѓу клубот и фудбалерот се во тек и тој може да стави потпис на договор во следните денови.
Интересно е дека своевремено Марио Балотели беше еден од најдобрите напаѓачи од Италија, а му се предвидуваше и блескава иднина. Важеше за голем талент на италијанскиот фудбал, играше за великани како Интер, Милан, Ливерпул и Манчестер Сити, меѓутоа неговиот карактер му го трасираше патот низ кариерата. Потоа преку Ница и Марсеј, дојде до Бреша и Монца, за да заврши во Сион и турска Адана.