• Саше Љолес

Српскиот фудбалер, Адем Љајиќ, пристигнa во Нови Пазар и ќе потпише договор со клубот од неговиот роден град. Оваа вест дојде како сензација за навивачите и за целата поширока спортска јавност во Србија, затоа што се работи за одличен играч со богато интернационално искуство.
Љајиќ е поранешен српски репрезентативец и имаше значајна кариера, играјќи за големи клубови како Фиорентина, Рома, Интер и Бешикташ. Кариерата ја започна во Партизан, а минатата сезона ја мина како играч на Фатих Карамгурук од Турција. 31-годишниот офанзивец ќе биде најголемото засилување во историјата на Нови Пазар и од него се очекуваат одлични игри во домашното првенство.
Може да се каже дека Љајиќ навистина се враќа дома, затоа што неговата семејна куќа се наоѓа на само сто метри од стадионот во Нови Пазар. Од клубот изразија огромно задоволство и рекоа дека „долго го чекале овој специјален момент“.
„Ова е навистина посебно. Специјален момент за нашиот клуб. Одамна бевме во преговори со Адем и сега конечно можеме да го најавиме неговиот трансфер. Целата работа треба да се заврши во текот многу бргу и наскоро ќе го претставиме како нов играч на Нови Пазар“, изјавија од српскиот прволигаш.
Адем Љајиќ најголем дел од кариерата мина во италијанската Серија А, каде вкупно постигна 48 голови. За српската репрезентација забележа 47 настапи и постигна девет голови. Интересно е што самиот фудбалер инсистирал да не го оптоварува клубот финансиски и ќе настапува за Нови Пазар без никаков паричен надомест.