Беса во потрага по тренер, Ислами си оди по неколку месеци

Екипата на Беса 1976 во пролетната полусезона ќе влезе со нов предводник. Клубот не успеа да договори продолжение на договорот на Бујар Ислами, кој по само неколку месеци ќе замине. 

Второлигашот преку соопштение на својот Фејсбук профил се обрати до јавноста. Беса му се заблагодари на Ислами и му посака среќа во иднина. 

„Сакаме да информираме дека по многу преговори, клубот не успеа да најде заеднички јазик со тренерот Бујар Ислами за продолжување на соработката. Клубот му се заблагодарува за професионалноста и напорната работа“, напишаа од Беса. 

Ислами во минатото се етаблираше на македонската фудбалска сцена како тренер на Ренова, клуб во кој мина седум години како асистент, додека главен тренер беше од јули 2019 до ноември 2020 година. 

Беса Добри Дол се натпреварува во Втората македонска фудбалска лига - Запад, а по петнаесет есенски средби се наоѓа на претпоследното место. Пред клубот е тешка битка за опстанок, откако собра само тринаесет бода во досегашните дуели со три победи, четири реми исходи и осум порази.