ВИДЕО: Беса убедлива за крај во Битола, ама не избегна бараж!

Фудбалерите на Беса 1976 се радуваа на убедлива гостинска победа кај Пелистер (1-4) во Битола во рамките на последното 33. коло во ПМФЛ. Тимот на Горазд Михајлов стигна до посакуваните три бода, ама не дочека услуга од Работнички и сезоната ја заврши на местото кое води во баражот за опстанок.

  • Головите од натпреварот:

Резултатот во Битола го отвори Арлинд Алими по дефанзивна грешка и во 14. минута донесе водство од 0-1. Најзрелата закана во првиот дел од средбата за домашните ја имаше Љамчевски нафрли од слободен удар, некој во гужвата ја допре топката и таа заврши во рамката од голот, а одбиената Захов ја исфрли преку пречката. Набргу следуваше и втор погодок на гостинската екипа, бидејќи Ремзифаик Селмани излета пред голот и реализира за 0-2 во 26. минута. До полувремето имаше по некоја шанса пред двата гола, ама немаше резултатски промени.

На стартот на продолжението Беса стигна и до трет погодок. По еден прекин Фетаи дојде до шанса, а по одбрана на Јовчевски топката во голот ја смести Арсим Љамалари за 0-3 во 49. минута од средбата. Откако гостите стекнаа висока предност, Пелистер ја презеде иницијативата и почна да притиска. Негативата на битолчани ја намали Захар Тарасенко кој во 63. минута го матира Захов (1-3). Имаа пелистерци уште неколку шанси за да се вратат во натпреварот, ама оставија доста простор. 

Точка на победата стави Хисар Али, откако во транзиција остана сам пред голот на домашните и реализира за конечните 1-4 во 75. минута. До крајот на средбата темпото на игра опадна, а Беса забележа три бода за крај на сезоната. Иако тимот од Добридол ја исполни целта, сепак на крајот од сезоната заврши на десеттото место и ќе игра во баражот за опстанок со третопласираниот од ВМФЛ.