• Иван Димовски
Снегот и лошото време во саботата одложија два натпревари од Втората македонска фудбалска лига, а тие се одиграа денес и не понудија изненадувања.
Лидерот и прв фаворит за врвот Беса од Добри Дол се одржа на дистанца на првата позиција откако убедливо го совлада Тетекс со 4-0 (3-0). Натпреварот кој се одигра на „Градскиот стадион“ во Кичево кој не беше во најдобри услови, сепак понуди доста возбудувања и погодоци.
- Беса 1976 - Тетекс 4-0:
„Штофарите“ парираа од стартот, меѓутоа Беса го отвори резултатот во 29. минута преку Фитон Адеми, кој доби „сервирана“ топка за гол. Уште не слегнале импресиите, а Арменд Алими удвои на 2-0 во 32. минута, откако шутна од околу дваесет метри и топката од блокот го лобува голманот. Пред полувремето Беса доби и пенал по еден опасен старт, а сигурен егзекутор на најстрогата казна беше Изаир Емини. Во завршницата конечниот резултат го постигна Зани Назифи во 83. минута. На две кола до крајот на полусезоната, Беса е блиску до есенската титула.
Далеку понеизвесен натпревар се одигра на „Железарница“, каде што Скопје го совлада Осогово во битката за опстанок со 1-0 (0-0). Долго време мрежите мируваа и немаше голови на двете страни, а одлучувачкиот гол падна во 79. минута и беше дело на Стојан Поповски.
- Скопје - Осогово 1-0:
На врвот на табелата Беса има 34 бода, пет повеќе од Детонит Плачковица, а седум од Пелистер, додека Тетекс со 17 бода е на деветтото место. Скопје, пак, се израмни со Победа со по 15 бода, а Осогово остана со 11 бода на 14. место.