ВИДЕО: Беса ќе презими како лидер, Пелистер и Детонит ја затворија годината со победи

Фудбалерите на Беса 1976, како што веќе беше познато и во претходното коло, ќе презимат како лидер во Втората македонска лига. Во последното есенско коло екипата од Добри Дол славеше со 3-1 (1-1) против прилепска Победа. Првото полувреме беше изедначено и на одмор се замина со нерешени 1-1, меѓутоа потоа Беса покажа зошто е фаворит. Со два гола на Фитон Адеми и еден на Изаир Емини, домаќинот само ја завери првата позиција на табелата. 

  • Беса 1976 - Победа 3-1:

Со пресврт до победа дојде битолски Пелистер, совладувајќи го тимот на Осогово (2-1). Гостинот од Кочани поведе во 11. минута преку Паунов и неговиот удар од далечина, меѓутоа до полувремето Симеон Христов ја анулира негативата. На стартот на второто Бојан Спиркоски со глава стрелаше за конечниот резултат и одржување чекор со водечките. 

Втората позиција на табелата за зимава си ја обезбеди Детонит Плачковица, откако минимално слави на гости кај Караорман со 0-1. Долго време стружани парираа, ама гостинот во 81. минута дојде до победата. 

  • Караорман - Детонит Плачковица 0-1:

Домашен триумф запиша екипата на Скопје во дуелот со Новаци (2-1). Домашните поведоа по петнаесет минути игра, а во второто полувреме и ја удвоија предноста, за во финишот Новаци само да го ублажи поразот. 

  • Скопје - Новаци 2-1:

Тешка победа извојува Арсими, кој на домашен терен славеше против Беласица со 2-1 (0-0). По прв дел без погодоци, струмичани поведоа, а домаќинот бргу се врати до егал. На победоносен гол Арсими чекаше до 94. минута и пеналот кој го доби, за конечни 2-1.

  • Арсими - Беласица 2-1:

На останатите терени минимални победи запишаа Вардар Неготино над Саса (1-0) и Кожув во пресметката со Охрид (1-0), додека без голови заврши дуелот на Тетекс и Башкими (0-0).

Беса со 40 бода е суверен лидер во првенството пред Детонит Плачковица кој има 35 и Пелистер со 33 бода. Зад водечките три екипи најблизу се Арсими и Охрид со по 23 бода. Од друга страна, на дното ќе презими Саса со само осум бода.