Бериша му стана соиграч на Блажевски во Тирана

Македонскиот интернационалец Седат Бериша ќе остане да игра во Албанија и кариерата ќе ја продолжи во редовите на Тирана, која подготвува амбициозен тим за претстојната сезона.

Бериша, кој има 28 години, беше дел од Влазнија, но со клубот беше на суд поради неисплатени плати, го доби спорот и како слободен агент доби шанса да си бара нова средина. Веднаш ја пронајде, затоа што ја официјализира соработката со Тирана, со која потпиша едногодишен договор со можност за продолжување.

Дел од Тирана е и македонскиот фудбалер Дејан Блажевски, кој пристигна од Вардар. 

Бериша покрај за тимот на Влазнија, играше за Ал Јахра од Кувајт, како и Шкупи, Металург и Шкендија, каде што помина најголем дел од кариерата. Има неколку настапи за младата селекција на Македонија, како и во еден пријателски меч за сениорската репрезентација.