ВИДЕО: Бензема по акција како од учебник го доближи Реал до втора фаза во ЛШ!

Екипата на Реал Мадрид ја потврди победата на гости во Украина (0-5), па вечерва повторно го надигра Шахтјор и со триумфот од 2-1 (1-1) се врати на лидерската позиција на табелата во групата Д од Лигата на шампионите. Мадридскиот гигант по поразот од Шериф пред две кола, сериозно пристапи на двомечот со украинскиот тим и сега е во пол-позиција за пласман во осминафиналната фаза во елитното натпреварување. 

  • Извештај од натпреварот:

Актерите на натпреварот приредија возбудливи први 45 минути на „Сантијаго Бернебеу“, во кои Реал го отвори резултатот и ја имаше контролата врз играта, но украинскиот ривал не се предаде и на полувреме замина со егал резултат (1-1). Лука Модриќ уште во третата минута испушти огромна шанса за отворање на резултатот, откако биеше прецизно, но Трубин со одлична интервенција исфрли во корнер. Нешто подоцна се закани и Винисиус, а иницијативата на „кралевите“ вроди со плод во 14. минута, кога бразилскиот ас ја искористи грешката на одбраната на гостите и несебично додаде до Бензема, а овој ја смести топката во празната мрежа. Со овој погодок, Французинот ќе биде вечно запаметен во историјата на Реал Мадрид, затоа што го постигна илјадитиот гол на тимот во европските натпреварувања.

По водството, Модриќ одново се најде во шанса за погодок, но повторно не ја погоди целта, па на спротивната страна пристигна казната. Во 39. минута комплетната одбрана на Реал Мадрид реагираше лошо, а тоа го искористи Фернандо Педро со прекрасен погодок за 1-1, резултат со кој се замина на одмор.  

Со цел што побрзо да ги поправат грешките од финишот на првиот дел, „кралевите“ моќно го отворија вториот и по неколкуте полушанси, во 61. минута одново донесоа насмевки кај присутната публика. По една фантастична тимска акција, во која Касемиро со пета додаде до Винисиус, а овој по вторпат несебично асистираше до Бензема, кој повторно имаше чиста позиција и погоди за 2-1.

Де Зерби со дури четири замени проба да го освежи својот тим и повторно да го загрози голот на домаќините, но овој пат Реал искусно го сочува водството и заслужено ја впиша својата трета победа во групната фаза од Лигата на шампионите.

Состави

Карло Анчелоти

4-3-3

    Roberto De Zerbi

    4-5-1