ВИДЕО: Бензема го спаси Реал од срамен кикс против Хуеска

Големиот Реал Мадрид оствари тешка победа на домашен терен против Хуеска (3-2) во рамките на 29. коло од Примера.

Зинедин Зидан, тренерот на „кралевите“, одлучи од првата минута да им даде шанса на неколку млади фудбалери, што се одрази на играта на фаворитот. Гостинскиот тим поведе уште во третата минута и најави дека не дојде во шпанската престолнина со бело знаме. Стрелец на голот беше Чучо Хенандез.

Мадриѓани нападнаа и возвратија пред паузата. Иско се најде на вистинското место и по асистенцијата на Герет Бејл го израмни резултатот.

Очекувано, притисокот пред гостинскиот голман растеше, а шансите за гол се редеа. Карим Бензема беше најзаслужен за пресвртот. Французинот испрати долго додавање со глава на втората статива, а со големи напори до топката стигна Дани Себаљос и ја израдува домашната публика.

Но, Хабиер Ечеита ја искористи збунетоста во одбраната на „кралскиот“ клуб и израмни на 15 минути до крајот. Се чинеше дека Хуеска ќе стигне до изненадување на „Сантијаго Бернабеу“, но тоа не го дозволи Бензема, кој со прекрасен удар ги скрши срцата на гостинските фудбалери и ги постави финалните 3-2.