ВИДЕО: Бенфика се спаси од пораз против Мореирензе и го препушти врвот на Примеира

Од вечерва португалската Примеира има нов лидер, а тоа е актуелниот шампион Порто, кој профитираше од домашниот кикс на Бенфика и по долга пауза се врати на челната позиција. „Змејовите“ на Серџо Консеисао си ја завршија работата и вечерва извојуваа победа на теренот на Санта Клара со 0-2.

Неколку часа подоцна им пристигна уште една позитивна вест, откако малиот Мореирензе извлече реми на теренот на Бенфика на „Да Луж“. Во натпреварот кој требаше да наликува на голеада во гостинската мрежа, „орлите“ на Бруно Лаж одиграа само 1-1, а дури и ризикуваа да загубат во својот дом.

По серија на зрели шанси во првиот дел, во четвртата минута од вториот дел Пици не реализира најстрога казна. На средина од вториот дел, по акцијата на Конте, Фабио Абреу ја погоди мрежата на Влаходимос и донесе предност за Мореирензе (0-1).

Домашниот стручен штаб ги внесе во игра Черви и Жота и Бенфика тргна во нов бран на напади. Во првата минута од судиското надополнување, главниот судија Верисимо вторпат покажа на белата точка за најтрофејната португалска екипа. Пици пак ја презеде одговорноста и пак промаши, но по одбраната на гостинскиот голман Пасинато, натрча и ја протна топката во мрежата, поставувајќи ги финалните 1-1.

  • Извештај од натпреварот: 

На единаесет кола до крајот на Примеира, Порто е лидер со 59 бода, еден повеќе од Бенфика. 23. коло се затвора утре со дуелот Фамаликао - Спортинг Лисабон.