ВИДЕО: Бенфика ремизираше кај Фамаликао и се избори за финале на Купот

Бенфика е првиот финалист на Купот на Португалија и големи се шансите дека за трофејот ќе се бори со големиот ривал Порто, во уште едно овосезонско „О Класико“. На возвратниот полуфинален натпревар од полуфиналето, Бенфика одигра 1-1 (0-1) на гостување во предградието на Брага, Фамаликао и со вкупни 4-3 обезбеди завршен натпревар во Купот.

По триумфот со гол во последните моменти на „Да Луж“ со 3-2, екипата на Бруно Лаж храбро влезе на дуелот на гостински терен и брзо го отвори резултатот. Пици од отпадок во 24. минута го постигна водечкиот погодок и ги доближи „орлите“ од Лисабон до финалето. Фамаликао, кој не игра како на почетокот од сезоната, постигна израмнувачки гол во последните мигови од првиот дел, но по прегледувањето на ВАР-снимката, истиот беше поништен заради прекршок врз голманот Влаходимос.

Сепак, амбицијата на домашните фудбалери донесе резултат во 78. минута, кога Тони Мартинез, на додавање на Гонкалвеш постигна гол за финални 1-1. Само еден гол им недостигаше на домаќините за финале, но не стигнаа до него и својот пат во најуспешната сезона во историјата на клубот, го завршија во полуфиналето.

  • Извештај од натпреварот: 

Утре се игра возвратниот натпревар од второто полуфинале, а се среќаваат Порто и Академика де Висеу. Првиот натпревар на теренот на второлигашот заврши без победник, 1-1, па „змејовите“ на Консеисао се изразити фаворити за место во финалето.