Бенфика потврди: Ако Перез победи на изборите, Мурињо за 15 милиони се сели во Мадрид! 

Сè погласни се шпекулациите за можно враќање на Жозе Мурињо во Реал Мадрид, откако Бенфика излезе со официјална потврда дека постои договор помеѓу двете страни.

Португалскиот клуб објави дека мадридскиот гигант е подготвен да плати 15 милиони евра за да го ангажира искусниот тренер, но целиот процес ќе зависи од исходот на претседателските избори во клубот. Во случај Флорентино Перез повторно да добие мандат, се очекува токму Мурињо да биде негов избор за нов предводник на тимот.

Мурињо не е непознато име за „кралевите“, бидејќи веќе ја водеше екипата во периодот од 2010 до 2013 година. Во тој мандат успеа да освои шампионска титула во Примера, како и трофеи во Купот и Суперкупот на Шпанија.

„Бенфика информира дека Флорентино Перез кандидатот за претседател на Реал Мадрид изрази цврста намера да го ангажира тренерот Хозе Марио дос Сантос Мурињо Феликс, доколку победи на изборите закажани за 7 јуни 2026 година. Доколку се случи ова сценарио, преминот ќе се изврши за износ од 15 милиони евра, што одговара на клаузулата за раскинување на тековниот договор“, велат од клубот.

Информацијата за неговиот можен камбек предизвика бурни реакции кај навивачите и фудбалската јавност, имајќи ја предвид неговата харизма и успешното минато во клубот. Сепак, конечната разврска ќе биде позната по одржувањето на изборите, кои ќе имаат клучна улога во иднината на клупата на Реал Мадрид.