Бенфика им стави до знаење на гигантите: „Цената за Енцо Фернандез ви е позната“

Португалската Бенфика е позната како клуб кој во претходните години реализираше одлични трансфери, а најверојатно нема да биде исклучок ниту претстојниот зимски преоден рок. 

Енцо Фернандез, 21-годишниот член на Бенфика имаше фантастичен настап на Светското првенство во Катар и беше прогласен за најдобар млад играч. Тоа веднаш го вклучи алармот во најбогатите клубови во светот, а во Бенфика задоволно тријат раце.

Први во низата беа Манчестер Јунајтед и Реал Мадрид, кои се подготвени да платат отштета од сто милиони евра за Фернандез. Бенфика не сака да преговара за тие пари со оглед на тоа што Аргентинецот во договорот има откупна клаузула од 120 милиони евра.

„Енцо пристигна во Лисабон, а со него дојде и неговиот агент. Кој навистина го сака Енцо во своите редови ќе видиме во наредните денови, можеби и часови. Ја знаат сумата што треба да ја платат“, велат од редовите на Бенфика.

Островските медиуми пишуваат дека во трката се вклучил и Ливерпул и е прв фаворит за ангажман на Фернандез. Ден претходно тимот на Јирген Клоп го ангажираше Холанѓанецот Коди Гакпо, а на мета е и англиската суперѕвезда од Борусија Дортмунд, Џуд Белингем.