• Мартин Танасковски
Македонскиот репрезентативец Бојан Димоски е блиску до нов трансфер, откако се појавија сериозни интереси од белорускиот шампион Динамо Минск. Младиот лев бек, кој е под договор со рускиот клуб Акрон, минатата полусезона ја мина како позајмен играч во белградски Партизан, но не успеа да се избори за значајна минутажа.
Димоски, роден во 2001 година, во дресот на Партизан одигра само четири официјални натпревари од февруари до крајот на сезоната, по што стана јасно дека неговата иднина веројатно е надвор од српскиот клуб.
Динамо Минск го поставил Димоски високо на листата на приоритети, и се разгледува можноста за позајмица. Се очекува дека рускиот Акрон ќе даде зелено светло за ваква зделка, што би му овозможило на Димоски нов почеток и шанса за поголема минутажа.
Останува да се види дали во следните денови ќе дојде до официјализација на договорот, кој може да биде важен чекор во развојот на неговата кариера.

