Белица: Не нè интересираат проблемите на ривалите, фокусот е на нас

Шкендија ќе го дочека разнишаниот тим на Македонија Ѓорче Петров во 13. коло на ПМФЛ. Пред овој натпревар во таборот на „лавовите“ беше жустро, бидејќи по промената на сопствениците дојде и до промена на тренерот Бобан Грнчаров и спортскиот директор Александар Бајевски. 

И покрај тоа, искусниот дефанзивец Егзон Белица најави дека Шкендија си го гледа само своето и фокусирана е да одигра добро. 

„Игравме еден исцрпувачки меч во Европа, одигравме 1:1 откако примивме гол во последните секунди, но мислам дека тоа беше добар резултат за нас, и меч во кој се боревме до самиот крај.

Сега се враќаме во нашето првенство, не очекува натпревар против Македонија ЃП во кој мора да имаме правилен пристап. Фудбалерите кои ќе настапат, верувам дека се психички и ментално подготвени за уште еден борбен натпревар. Веќе сме подготвени за следниот предизвик. Разговаравме за сите начини како треба да му пристапиме на овој натпревар. Натпреварот од четврток треба да го оставиме зад нас и верувам дека целиот фокусот сега мора да биде насочен кон нашето првенство. Против сите екипи пристапуваме максимално сериозно, и не нè интересираат проблемите на противниците. Повеќе се фокусираме како ние ќе одиграме. Потребен е максимален фокус и огромна посветеност за да дојдеме до три бода“, изјави Белица.

Натпреварот на „Градскиот стадион“ во Тетово се игра во терминот од 13:00 часот.